“Граѓаните во борба против корупцијата” – тркалезна маса во Штип
26.06.2013 Транспаренси Интернешнл – Македонија организираше тркалезна маса на тема: “Граѓаните во борба против корупцијата” која се одржа на 26.06.2013 година во Штип, во Хотел Оаза.
Воведно обраќање на настанот имаше Д-р Слаѓана Тасева, Претседател на Транспаренси Интернешнл – Македонија, како и Градоначалникот на Општина Штип М-р Илчо Захариев. Потоа следеше презентација за досегашната работа на Центрите за совети и правна помош во изминатите 10 месеци, каде со посебен осврт се истакна имплементацијата на бесплатни телефонски линии за пријавување на корупција и имплементација на Законот за јавна внатрешна контрола.
Присутните граѓани во текот на дискусијата ги нагласија проблемите со корупција во правосудството и работата во управните органи.
Од тука произлезе и заклучокот дека граѓаните во борбата против корупцијата сè повеќе се вклучуваат самоиницијативно, но помошта ја бараат од канцелариите на „Транспаренси интернешнл“ – Македонија.
– Анализите говорат дека македонските граѓани сè повеќе ни веруваат и наместо кај Антикорупциската комисија, претставки доставуваат до нашите канцеларии, вели Слаѓана Тасева, претседател на „Транспаренси интернешнал" – Македонија.