РМ не ги исполни препораките од Четвртата оценка од ГРЕКО која ги опфаќа собранието, судството и ЈО
17.01.2017 Транспаренси Интернешнел Македонија (ТИ-М) ја известува јавноста дека иако Извештајот од четвртиот круг на евалуација на ГРЕКО (земји за борба против корупцијата) е усвоен на 62-от пленарен состанок на ГРЕКО одржан на 6 декември 2013 година, Република Македонија сè уште нема преземено активности во насока на имплементирање на дел од препораките наведени во извештајот, а за тоа дава неиздржани изговори.
Република Македонија на 26 јуни 2015 година доставила информации до ГРЕКО во врска со имплементацијата на препораките од извештајот од евалуацијата. На 1 јули 2016 бил усвоен извештајот за оценката на имплементацијата, а бил објавен на 12 октомври 2016 година. Од неговата содржина може да се утврди дека ова е најслабиот извештај на ГРЕКО за Република Македонија до сега. Препораките од претходните извештаи најчесто беа навремено спроведувани, при што РМ добиваше оценка дека задоволително или делумно се спроведени сите препораки, или дека се спроведени сите освен една до две препораки. Со последниот извештај, кој се однесува на борбата против корупцијата во Собранието на РМ, судството и јавното обвинителство, е утврдено дека РМ на задоволително ниво спровела само три од вкупно деветнаесет препораки, десет се делумно спроведени а дури шест воопшто не се спроведени.

