Барометар на корупција за месец Април 2007 г.
|
09.05.2007 Постапките на Јавното обвинителството (ЈО) на Македонија во случаите Томчаки компани и доктор Докиќ се најматен настан во април годинава во сферата на корупција-антикорупција. Ова го покажаа редовната месечна анкета „Барометар на корупцијата“, што ја спроведуваат невладината организација „Нулта корупција“ и Независната новинска агенција Макфакс, а во која гласаат уредници на национални медиуми во Македонија. Според нивна оценка најпозитивен настан во борбата против корупцијата во април е брзата судска постапка во случајот „Бачило“. „Јавното обвинителство во месец април покажа недоследност во постапувањето во однос на законските овластувања што ги има и начинот на кој истите ги применува“, во случаите Томчаки компани во Кочани и случајот на апсењето на доктор Дејан Докиќ во Скопје. Во првиот случај и покрај големиот грабеж на стотици граѓани JO оцени дека ’нема сигурни докази за тоа дека брачната двојка, сопственици и управители со компанијата, извршиле кривично дело измама’, не предложи мерка притвор. Според известувањата во медиумите, обвинителот размислувал да ги упатат стотиците измамени на граѓанско-правен спор. Во случајот со доктор Дејан Докиќ и „покрај тврдењето на полицијата дека има соодветни и квалитетни докази обезбедени со специјални истражни мерки, ЈО поднесе обвинителен предлог во кој именуваниот се товари за против законско посредување, а не за поткуп. „Со постапките во овие два случаја се поткопува довербата на граѓаните во институциите и во решителноста за неселективна и професионална борба со корупцијата“. Со ова образложение се согласија 8 од 18 – те главни уредници колку што учествуваа во гласањето во април. |


