Тројца кандидати за „Чебрен“ и „Галиште“
16.04.2009 Германска РВЕ со словенечка ХСЕ, „Вербудн“ од Австрија и италијански ЕНЕЛ покажале се заинтересирани за учество на огласот за изградба на хидроцентралите „Чебрен“ и „Галиште“ на Црна Река, соопштија вчера од Министерството за економија.
Комисијата за огласот треба да ги оцени доставените пријави и да направи листа со компании што ги исполниле условите. Досега ова е трет оглас за изградба на хидроцентралите „Чебрен“ и „Галиште“. Првиот оглас беше одложен по барање на компаниите. При вториот, според министерот за економија Фатмир Бесими, двете компании што доставија понуди, „Вербунд“ и РВЕ, побараа да се променат условите на огласот. Тие побараа рокот за концесија на хидроцентралата „Тиквеш“, наместо 39 години како што беше предвидено во документацијата на јавниот оглас, да се продолжи на 70 години, што овој пат беше направено. Втората забелешка била во однос на учеството на државната компанија ЕЛЕМ во овој проект.

