Очекување за нова борбена Комисија за борба против корупцијата
18.02.2019 Платформата на граѓански организации за борба против корупција го поздравува изборот на новите членови на Државната комисија за спречување на корупција и очекува од нив решителна, темелна и неселективна борба против корупцијата на сите нивоа на власт.
Имено, со донесувањето на новиот Закон за спречување на корупција и судир на интереси се воведе нов начин на избор на претседателот и членовите на ДКСК, со кој покрај Комисијата за избори и именувања при Собрание на РМ се формира, Комисија за селекција чија цел беше спроведување интервјуа со сите кандидати кои ги исполнуваат условите од огласот и врз основа на тоа бодување и рангирање на кандидати.
Процесот се одвиваше во помалку од две недели, од моментот на објавување на огласот до моментот на избор, што оневозможи да се спроведе процес на темелен ветинг кај кандидатите. Оттука, можноста за целосна проверка на кандидатите беше лимитирана.