Се повеќе граѓани пријавуваат незаконито однесување,да се зајакне улогата и заштитата на укажувачите
09.07.2019 Се зголемува интересот за пријавување односно граѓаните се охрабрени да пријавуваат незаконито однесување, не само криминал и корупција. Меѓутоа, тоа не значи дека Законот за заштита на укажувачи се применува како што треба, иако е донесен во март 2016 година. Се уште постои недоволна информираност и во рамки на институциите и кај граѓаните, како и недоволна обученост како да се применува за ефективно да може да се заштити лице кое сака да поднесе пријава како укажувач.
Ова е оценката од Слаѓана Тасева, претседател на Транспаренси Интернешнл-Македонија по денешната обука за зајакнување на улогата на укажувачите во борбата против корупцијата, реализирана заедно со Државната комисија за спречување корупција (ДКСК).
Како што информира Тасева, во Транспаренси пристигнале 17 пријави, од кои девет за приватниот и осум за јавниот сектор, а најголем број биле во однос на кршењето на работничките права. Нагласува дека граѓаните можат да пријавуваат незаконито однесување до ДКСК, МВР, Јавното обвинителство и Народниот правобранител, каде се назначени лица кои треба да работат со укажувачите. Законот за укажувачите, напомена, важи и за приватниот сектор.
Таа посочува дека се уште недоволно се прави разлика помеѓу укажувач и информант и граѓаните кои се укажувачи најчесто се соочиваат со последици затоа што недоволно се упатени и не можат да бидат заштитени ниту тие, ниту нивните блиски.
– За да се добие статус укажувач постои процедура во Законот. Лицата кои сакаат да пријават нешто треба да го применат Законот за да може тоа да се провери и понатаму да добијат статус на укажувачи. Кога зборуваме за заштита на укажувачите, тоа е за да се создаде ефективен механизам кој ќе ги заштити оние кои пријавиле, рече Тасева.

