100.000 компјутери се штоф за Антикорупциска
28.03.2008 Антикорупциската комисија да провери дали има судир на интереси во случајот на државниот секретар во Министерството за образование, Перо Стојановски, кој работел во „Акцент компјутери“, подизведувач на тендерот за набавка на 100.000 компјутери за училиштата, велат од двете невладини организации со предзнакот „Транспарентност“, кои ги следат случаите на корупција. Тие тврдат дека не се запознаени со случајот, но велат дека во вакви околности комисијата мора да ги расчисти сите сомнежи. – Комисијата да провери дали тој имал можност да влијае врз изборот на компанијата. Не мора никој да поднесува барање до нив, тие можат на своја иницијатива да го отворат случајот по пишувањето во медиумите – вели Слаѓана Тасева од „Транспарентност нулта корупција“ и поранешна претседателка на Антикорупциската комисија.