Уште еден неславен мандат на Државната комисија за спречување на корупција
Антикорупционерите ги премолчија сите афери на власта!
Во работата на Државната комисија за спречување на корупцијата, од 2002 година, па сѐ до сега, има огромни разлики. Тие што ги направија почетоците беа непрофесионални (хонорарни) антикорупционери, располагаа со мал буџет, но открија голем број афери, кои и ден денес се споменуваат. Последниот состав антикорупционери, пак, станаа професионалци (вработени), добија поголем буџет, но и помалку работа, поради недовербата од граѓаните. За афери, пак, ниту збор!
Токму нивниот молк веќе одамна гласно го вклучи алармот за тоа дали воопшто ја вршат својата функција, за која впрочем, за македонски услови, и дебело се платени, околу 1.000 евра месечно! Нагаѓаме, бидејќи самите не сакаат да откријат колку е нивната месечна плата, но познато е дека се платени колку судиите во Врховниот суд или пратениците. Поранешните членови, пак, добиваа хонорар од 40.000 денари.
На антикорупционерите подзаборавија и граѓаните, кои во улога на таканаречени whistle-blowers, или пријавувачи, сѐ поретко ја посетуваат нивната адреса, а проблемите ги споделуваат со некои медиуми или со невладини организации.


