Законот на Маковеј ги плаши експертите
27.11.2008 Се претвора ли Македонија во полициска држава во која секој за се' легално може да биде прислушуван или со измените на Законот за следењето на комуникациите државата само се обидува да биде поефикасна во борбата против организираниот криминал и корупцијата? Ова прашање вчера предизвика бурна дискусија меѓу македонските експерти од таа област со советничката на премиерот за прашања врзани со борбата со корупцијата, поранешната министерка за правда на Романија, Моника Маковеј, на тркалезна маса организирана од Хелсиншкиот комитет.
Експертите сметаат дека измените на Законот за следење на комуникациите беше донесен без јавна дискусија и без да се консултира стручната јавност, иако станува збор за закон кој навлегува длабоко во човековите права и слободи загарантирани во Уставот. Со измените се овозможи полицијата да ги применува специјалните истражни мерки и кога само се сомнева дека некој ќе стори кривично дело без за тоа да има ни основано сомневање.


