23.03.2007 Стотици милиони долари со сомнително потекло како директни странски инвестиции вложиле Кипар, Холандските Антили, Британските Девствени Острови, Сент Винсент и Гренадини и повеќе карипски острови-држави во изминатава декада во Македонија. Само од 1997 година досега од егзотичните држави познати по либералната даночна власт и никаква контрола за потеклото на капиталот што се вложува во тамошните банки во земјава влегле безмалку 160 милиони долари. Се купувале акции во постојни компании, се инвестирале пари во услужната дејност, во недвижнини и помала стапка во производствени капацитети.
Според официјалните податоци на Народна банка, Кипар со околу 194 милиони долари или 9 отсто од вкупните инвестиции во земјава, по Унгарија, Грција и Холандија, на крајот од 2005 година бил четврти најголем странски инвеститор во Македонија. Само во 1998 година, Кипар во земјава вложил 61,5 милиони долари. Податоците покажуваат дека поголем дел од овие пари биле инвестирани во услужни дејности, во недвижен имот, во трговија и во прехранбената и хемиската индустрија. Во периодот од 1997 година до 2006 година од Британски Девствени Острови влегле околу 25 милиони долари директни странски инвестиции, а од Сент Винсент и Гренадини безмалку 20 милиони долари. Само во 2004 година од Холандските Антили во Македонија биле инвестирани повеќе од 10 милиони долари. На листата на егзотични странски вложувачи се и Кајманските Острови со околу 2,5 милиони долари, Панама со околу 2 милиони долари и европскиот Лихтенштајн со безмалку 10 милиони долари. Помали суми се вложувани и од Бермудите, Бахамските Острови, Сан Марино и Девствените Острови.
|