Митото и корупцијата во сите пори на општеството
21.07.2009 Цариници, полицајци, високи државни службеници, директори, доктори, адвокати, професори, сегашни и поранешни градоначалници и годинава паднале во рацете на МВР откако не останале рамнодушни на мирисот на банкнотата, па за да си ја завршат должноста побарале дополнителна мотивација и „финансиска инјекција“. Да не бидат само тие оцрнети се погрижиле и неколку наши и странски државјани, кои пак убедени оти „парата го врти светот“ се обиделе моќта на банкнотата да ја искористат за да си ги решат проблемите, па понудиле поткуп.
Според статистичките податоци на МВР, во првата половина од годинава биле откриени за дваесет и пет отсто повеќе дела на примање и давање поткуп, односно вкупно 25 дела од кои во 15 случаи бил даден поткуп, седум пати парите биле употребени во спротивна насока – бил земен поткуп, а три пати било откриено и противзаконско посредување. Годинава биле откриени и четири случаи на перење пари каде што 22 лица што добиле кривични пријави испрале 170 милиони денари.



