ЗАКОНОТ ЗА ЗАШТИТА НА УКАЖУВАЧИТЕ СТАПИ НА СИЛА, А ИНСТИТУЦИИТЕ СЕ УШТЕ НЕ СЕ ПОДГОТВЕНИ
Невладината организација Транспаренси Интернешнал Македонија одржа работилница на тема „Нормативната и институционална рамка за заштита на укажувачите во Македонија“
11.04.2016 Законот за заштита на укажувачите стапи на сила на 18 март, но се чини дека институците надлежни за негово спроведување се уште не се спремни да одговорат на предизвикот, бидејќи допрва ќе ги изготвуваат правилниците и ќе обезбедуваат услови за негово спроведување. Токму затоа невладината организација Транспаренси Интернешнал Македонија во понеделникот одржа работилница на тема „Нормативната и институционална рамка за заштита на укажувачите во Македонија“, на која институците можеа да дадат одговорат дали се спремни за импелментацијата на законот.
Свиркач (whistleblower), или според македонското законодавство, укажувач, е израз за храбар поединец, кој од високо морални причини одлучува, со сиот ризик по сопствената кариера, јавно да проговори за незаконските или неетичките дела направени во некоја компанија или институција.
Законот за заштита на укажувачи стапи во сила како еден од условите што мораше да се исполни според Договорот од Пржино. Со него конечно се гарантира заштитата на тие што ќе пријават сомнеж за незаконско или недозволено постапување со кое се загрозува јавниот интерес.

