03.07.2015 Во Македонија уште пред повеќе од четири години беше донесен Законот за заштита од дискриминација, но се чини сѐ уште сме на почетокот и не знаеме или не сакаме да се заштитиме. За овој период, ниту една надлежна институција не успеала да ја види политичката дискриминација, или подобро кажано, не се осмелила. Вработени и понатаму се бркаат од работа бидејќи не се однесуваат или не размислуваат во духот на владејачката партија.
Единствената сатисфакција ја добиваат со можноста јавно да ја раскажат голготата и тортурата што ја доживеале, а правдата како и секогаш, ќе ја бараат надвор од Македонија.
Партиската книшка, наспроти универзитетската диплома, познавањето на странските јазици, работното искуство и стручноста, сѐ уште е посилниот адут при вработувањето, особено во државната или јавната администрација. Со неа вратите многу полесно се отвораат, а се затвораат за тие што ја немаат, поточно не ја поседуваат онаа вистинската. Па, така, додека едни ѝ се радуваат на новата државничка работа, други секојдневно стравуваат да не го изгубат парчето леб, бидејќи во џебот не ја имаат вистинската документација, доказ за нивната „квалификуваност“.