22.02.2018 Индексот објавен денеска од страна на Трансперенси интернешнал, која годинава ја одбележува својата 25-годишнина, открива некои вознемирувачки информации – и покрај обидите за борба против корупцијата низ целиот свет, повеќето земји се движат премногу бавно во нивните напори. И покрај тоа што за превземање на мерки против корупцијата е потребно време, во последните шест години многу земји сè уште не постигнаа никаков напредок. Уште по алармантно, понатамошната анализа на резултатите од индексите покажува дека земјите со најниска заштита на медиумите и невладините организации (НВО) исто така имаат тенденција да ги имаат најлошите стапки на корупција.
Изјава од Д-р Слаѓана Тасева – претседател на ТИ Македонија
Проблемот со корупцијата и понатаму ескалира. Република Македонија уште еднаш забележа пад на ранг листата на Индексот за перцепција на корупцијата кој денеска го објави Транспаренси Интернешнел. Република Македонија со пад од 17 места, денес се наоѓа на најниското 107 место откако постои ИПК.
Резултатот покажува дека продолжува политиката заснована на клиентелизам и интереси, и власта продолжува да ги занемарува сите укажувања за ескалација на проблемот со корупцијата. Системот на заробена држава и понатаму опстојува и го оневозможува работењето на институциите задолжени за борба против корупцијата, пред се на Јавното обвинителство и службите за спроведување на законот, а Државната комисија за спречување на корупцијата и понатаму е немоќна да се справи со проблемите на судирот на интереси и контрола на имотната состојба на функционерите. Владата не успеа да го востанови долго најавуваниот принцип на индивидуална одговорност, а одговорните за корупција и натаму се заштитени и недопирливи.
На овој начин и понатаму опстојува систем во кој наспроти правото владеат интереси!
Укажуваме дека овој систем мора да се замени со систем во кој ќе владее правото, а институциите ќе бидат професионални и ефикасни и ќе преземат сериозни мерки за справување со корупцијата како проблем од висок приоритет. Решавањето на проблемот со корупцијата треба да им се препушти на комптентни професионалци, а политиката да остане надвор од нивната работа.
Република Македонија сега го зазема најниското од било кога 107-мо место од вкупно 180 рангирани држави. Сите држави во регионот, претенденти за членство во ЕУ имаат подобар резултат. Тоа создава недоворба на граѓаните во капацитетите на државата и институциите. Недопирливоста на одговорните за корупција е секојдневие кое треба да се искорени, а ланецот на корумпираност во високите ешалони на сите власти да се прекине. Тоа е одговорност на Владата, на Собранието, на вработените во институциите и во судството.
Тоа е одговорност и на граѓаните, кои ги охрабруваме да се спротистават и да ја оневозможат корупцијата. Во име на иднината на Република Македонија.