Судската правда за рударите е подлабока од јамите
09.04.2015 Седум рудари настрадале во рудникот „Саса“ во последните години, но нивните семејства никако не успеваат по судски пат да ја докажат одговорноста на рудникот, туку мораат да се задоволат само со паричната отштета. Тие се исплашени да преземат нешто повеќе оти управата на рудникот настојува да го замре и синдикатот, кој сѐ помалку ги застапува правата на работниците. Откако го разрешија синдикалниот лидер, другите рудари се под постојан притисок.
Деновите пред Велигден во центарот на Македонска Каменица рударите од „Саса“ построени во ред, примаат по половина јагне за големиот христијански празник. Тоа за момент ќе ја намали нивната сиромаштија и ќе ги направи среќни. Останатите жители на рударскиот град, пак, кои немаат вработени во „Саса“, гласно коментираат дека така сопствениците на рудникот ги прават работниците мирни, безгласни во битката за работничките права. Дури одат и до таму дека кротките рудари, како најбројна група во Македонска каменица, лесно ја манипулираат, особено владејачката партија која си ги користи како бројка на избори.


