Поништени тендери чекаат „подобни“ понудувачи
04.09.2012 Прво се радуваше Ка-дис, а Порше Македонија се жалеше, па ситуацијата се смени, сега е обратна, Ка-дис се лути и бојкотира, па не учествува на тендерот затоа што го смета за нелигитимен, а Порше со најниска понуда (односно единствена понуда) се прогласи за победник. Па на ова, несудениот победник на тендерот поднесе барање за издавање на судска привремена мерка, додека полицијата и надлежните органи не спроведат истрага за случувањата и проблемите за време на минатото наддавање. Но ова не е инцидент во Македонија, тендерските постапки не ретко се поништуваат со цел да се избере „подобен“ понудувач. Освен полициските возила, во моментов е актуелен и тендерот за изградба на автопатот Демир Капија – Смоквица. Опозицијата се сомнева дека Министерството за финансии намерно ја избрала поскапата понуда. Сомневањето го темелат на податоците дека и двете фирми не ги исполнувале условите, но сепак победник била второрангираната и поскапа грчка фирма.




