Соопштение
Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за енергетика
што Владата на РМ го достави до Собранието на РМ
28.12.2007 “Транспарентност – Нулта Корупција” е невладина организација чија главна определба е борбата против корупцијата и почитувањето на принципите за транспарентно, одговорно и отчетното однесување во процесите кои се одвиваат во Република Македонија.Во изминатите неколку години со внимание ја следиме состојбата и процесите за приватизација и либерализација во сферата на електростопанството, кои се имплементираат преку менување на законите во оваа сфера. Поради тоа, а имајќи го предвид значењето што процесите во оваа го имаат или би го имале за граѓаните и за стопанството, сметаме дека со поднесување на Предлогот за изменување и дополнување на Законот за енергетика се повредени основните принципи на доброто управување, кое подразбира транспарентност и отвореност на овие процеси.
Предложените измени на Законот за енергетика се носат крајно нетранспарентно, без јавна расправа и истите содржат одредби кои ќе креираат услови за нетранспарентно работење, создавање на монопол и фаворизирана положба на одделни субјекти на пазарот, како и услови за корупција. Со предложените измени се создава монопол на пазарот и фаворизирана положба на една компанија што е спротивно на владеењето на правото како темелна вредност на Уставот на РМ.