Владата го прифати Предлог законот за управување со конфискуван имот
04.08.2007 Владата на Република Македонија на последната седница го прифати Предлог законот за управување со конфискуван имот, имотна корист и одземени предмети во кривична и прекршочна постапка со кој се врши усогласувањето на оваа материја со најновите меѓународни стандарди и се заокружува законската рамка во Македонија во борбата против корупцијата и организираниот криминал, информира на денешната прес-конференција владиниот портпарол Ивица Боцевски.
– Причините за донесувањето на овој закон се огледуваат во фактот дека постапувањето со конфискуваните предемти е еден од можните извори на корупција. Со донесувањето на овој закон ќе се обезбеди правна рамка која ќе го регулира начинот за управување и постапување со конфискуваниот имот и одземените предемти и домаќинско управување на надлежните органи засновано врз начелата на законитост, економичност и ефиканост, рече Боцевски. Тој појасни дека при изготвувањето на законот биле користени искуствата од постарите, но и од новите земји членки на ЕУ.
|