Работилница посветена на ИТ секторот
18.05.2007 Во рамките на проектот „Подобрување на корпоративното управување за ‘0’ толеранција кон корупцијата“, Нулта корупција, денес ја одржа шестата работилница посветена на Информатичкиот сектор.
Претставниците од ИТ секторот во својата дискусија ги посочија главните облици на корупција со кои се соочуваат и ги дадоа своите видувања за начините и потребните механизми за успешно справување со истата во рамките на овој сектор. Препораките од денешната, како и од претходно одржаните работилници ќе бидат искористени за изработка на унифициран етички кодекс, чие што прифаќање од страна на стопанските субјекти ќе придонесе кон поуспешно корпоративно управување.
Професорката Антонија Јосифовска од факултетот за бизнис и економија истакна дека е неопходно приватниот сектор да се сврти кон себеси и да ги идентификува своите слабости и преку личното однесување да покаже дека е подготвен да се справи со корупцијата.
Професорот Горан Коевски од Правниот факултет препорача самиот сектор внатрешно да ги прифати минималните стандарди на корпоративната одговорност преку усвојување на етички кодекс, затоа што напредокот на бизнисот е секогаш чекор напред пред легистлативата. Со текот на времето успешните едички кодекси можат да прераснат во закон. |