Фридом Хаус: Македонија се врати 10 години наназад
12.06.2014 На листата на нации во транзиција на Фридом Хаус, Македонија во 2014 година е ставена во категоријата каде што беше пред 10 години. Падот се должи на влошувањето на состојбата со независни медиуми во земјата.
Земјите на листата на Фридом Хаус се рангирани на скала од 1 до 7, при што со 1 се претставени земјите кои бележат најголем демокртаски прогрес, а со 7 оние кои имаат најниско ниво на демократски прогрес. Македонија на оваа листа има демократски индекс од 4,00, односно припаѓа на категоријата на „транзициони/хибридни режими“. Во истата група се наоѓаат и Украина (4,93), Грузија (4,68), Молдавија (4,86), Албанија (4,18) и Босна и Херцеговина (4,43).
По категории, кои заедно ја чинат вкупната оценка, Македонија во извештајот на Фридом Хаус, со наслов „Нации во транзиција“, е категоризирана на следниот начин: изборен процес (3,25), цивилно општество (3,25), независност на медиуми (5,00), корупција (4,25), демократско управување на национално ниво (4,25), демократско управување на локално ниво (3,75) и правна рамка и независност на правосудството (4,25).